Билјана Стефановска Сековска: Бев првиот македонски дипломат обучуван во Германија
Госпоѓа Билјана Стефановска Сековска е актуелна македонска амбасадорка во Австралија и Нов Зеланд и првиот дипломат од земјата која се обучувала на германската дипломатска академија во Бон и Берлин. Еве како таа ја доживува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
„30 години дипломатски односи меѓу две држави е значаен јубилеј и убава можност за навраќање кон првите чекори во соработката, особено ако сте биле учесник уште на самиот почеток.
Германското Министерство за надворешни работи, во 1992 г., започна програма за обука на млади дипломати од земјите на Централна и Источна Европа, во рамки на својата дипломатска академија во Бон и Берлин. Уште пред официјалното воспоставување дипломатски односи, програмата ја отвори и за дипломати од новата, независна Република Македонија, која штотуку почна да води сопствена надворешна политика и да гради своја дипломатска мрежа. Така, на почетокот на 1993 г., бев првиот дипломат од Министерството, кој беше избран за посетување на оваа шестмесечна обука, финансирана од германската влада. Во годините што следеа, голем број мои колеги станаа дел од програмата. Германија знаеше дека само добро обучени и професионални дипломати можат успешно да ја претставуваат својата земја во светот и несебично го пренесуваше своето вредно искуство на ова поле.
Сакам да издвојам два од настаните во текот на обуката, со кои уште тогаш беше манифестирана поддршката од Германија за нашето етаблирање во меѓународните организации. Првиот, е средбата со тогашниот МНР Клаус Кинкел, кој ја нагласи политиката на Германија за што посилен ангажман во надминување на блокадата што ни стоеше на патот кон пошироко меѓународно признавање. Политика, конзистентна до денес. Вториот момент, е нашиот прием во Обединетите нации, на 8 април, истата година, кога се радувавме заедно со германските колеги во Берлин и го прославивме моментот со желби за успешни билатерални односи во иднина. Како алумни, имав можност уште неколку пати да учествувам во програми на германската влада за поддршка во градење на капацитетите на дипломатијата.
30 години подоцна, сведочиме на богата соработка и пријателство меѓу Северна Македонија и Германија во бројни области, со перспективи за јакнење на севкупните меѓусебни односи.