Кнегиња Рихтер, докторка: „Создавам мрежи“
Кнегиња Рихтер, родена во македонски Штип, студирала медицина во Скопје, а потоа три години волонтирала на невропсихијатрија на скопската Универзитетска клиника. Благодарение на германската стипендија од ДААД, таа поминала една година како визитинг-докторка на Клиниката за неврологија при Универзитетот „Фридрих Александер“ во Ерланген, Нирнберг. По завршување на докторатот, работела на неколку клиники, а 20 години била на раководна позиција како специјалист на клиниката во Нирнберг, Парацелзиус, Приватен медицински универзитет. Таму воедно и хабилитирала.
Од 2022 година, Кнегиња Рихтер е раководител на Одделот за психосоматика и медицина на спиењето и сонот на CuraMed Дневната клиника во Нирнберг. Освен тоа од 2011 година, таа е и професор по медицина на Техничкиот универзитет во Нирнберг. Паралелно со нејзината работа како докторка и професорка, таа долги години се ангажира и во партнерството на збратимените градови Нирнберг и Скопје. Благодарение на тоа партнерство меѓу градовите, таа го открила Нирнберг за себе и тука го наоѓа тежиштето на својот живот.
„Поради татко ми, Германија ми беше важна уште од многу рано. Тој осум години работеше како доктор во Менхенгладбах, во областа на туберкулозата и пулмологијата. Јас и моето семејство редовно го посетувавме. Па оттаму, за мене идеалот отсекогаш беше да работам како докторка во Германија. Нирнберг го запознав дури подоцна, преку моето тогашно момче. Тој беше уметник, а благодарение на партнерството меѓу збратимените градови, имаше многу прилики да ги изложи своите дела во Нирнберг. Јас го придружував на тие патувања и така создадов пријателства со локалци, како на пример со Вернер Трини, основачот на партнерството меѓу збратимените градови, со Јоахим Блајштајн, кој ја организираше размената во сферата на уметноста, како и со д-р Герхард Кригер, денешен почесен конзул на Северна Македонија. Воопшто не беше случајност што и јас завршив во Нирнберг. Намерно аплицирав тука, бидејќи веќе имав добри контакти во овој град. Тие луѓе навистина ми помогнаа откако ја добив стипендијата. На почетокот бев целосно сама.“
Партнерството меѓу збратимените градови Нирнберг и Скопје и ден денес има големо значење за Кнегиња Рихтер. Во 2003 година, Светската Здравствена Организација лансирала проект за подобрување на тогашното катастрофално згрижување на лицата со тешки психички болести во Северна Македонија. За оваа цел, СЗО се обратиле до збратимените градови на Скопје. Тогашниот раководител на Оддел, проф. Гинтер Никлевски ја прашал Кнегиња Рихтер дали е заинтересирана да работи на овој проект, на што таа веднаш се согласила. Сакала повторно да ги обнови врските со татковината и да даде свој придонес. Оттогаш, таа е консултант на СЗО за Северна Македонија.
„Јас сум ,вмрежувачка‘ и екстензивно соработувам со многу луѓе. Со овој проект успеавме да основаме три дневни центри за психички болни лица во Северна Македонија. Претходно, психички болните лица беа сместувани во клиники понекогаш и по цели 10, па и 20 години. Едноставно недостасуваа дневни центри, кои ќе овозможат повторна реинтеграција во општеството. Во рамките на проектот, што беше соработка со Универзитетската клиника во Скопје, околу 50 вработени од областа на психичкото здравје дојдоа во Нирнберг на обука за да се стекнат со практично искуство. На овој начин тие можеа да научат како се градат вакви амбулантни центри, а потоа да размислат како би можел тој концепт да се реализира во Северна Македонија.“
По завршувањето на проектот од СЗО, Кнегиња Рихтер продолжила да се ангажира во повеќе области. Најчесто таа иницира проекти чија цел е да се подобри квалитетот на живот на психички болните лица, но и да се подобри наставата на универзитетите во Северна Македонија. Па така, во 2006 година, таа го основала здружението Нирнберг-Скопје, преку кое се собирале донации за основање на две фирми во Скопје кои вработуваат психички болни лица. Па така се отвориле фризерница и фирма за чистење, во која болните за првпат добиле шанса да работат и да заработуваат. Со понатамошните донации се финансирал шелтер-центар за жени-жртви на насилство. Понатаму, таа заедно со проф. Гертрауд Милер и со Институтот за социјална работа „Мајка Тереза“ работела на голем проект на ДААД. Како последен аспект од фокусот, Кнегиња Рихтер го наведува унапредувањето на уметноста. Нејзиното здружение одвреме-навреме организира уметнички изложби, на кои се изложуваат, но и се продаваат делата од психички болните лица.
„Паралелно на овие проекти, работам и како професорка во областа на медицината на спиењето и сонот при Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и како едукатор во психијатриската лабораторија за спиење на Универзитетската Клиника во Скопје. Многу мои научни трудови и публикации настанале во соработка со моите македонски колешки и колеги. Некои од нив и ги поддржав за да може да хоспитираат на Клиниката во Нирнберг. Навистина имаме активна и витална размена!