Професор д-р Илија Џонов

Професор д-р Илија Џонов, невропсихијатар, прв претседател на Друштвото за германско-македонско пријателство и носител на Сојузниот орден за заслуги: „Горд сум на поддршката од Германија“ 

Животниот и професионалниот пат на професор д-р Илија Џонов е нераскинливо врзан со Германија: од првата средба со Германија во, сега далечната 1967 година, како студент, преку блиската соработка со бројни колеги-лекари, медицински и технолошки центри, па сѐ до неговата улога како прв претседател на Друштвото за германско-македонско пријателство. Круната на тие блиски и плодни односи се случува во 2008 година кога го добива Сојузниот орден за заслуги. Кариерата го довела професор Џонов до највисоките функции на Клиниката во Скопје и на Медицинскиот факултет, но вели дека никогаш нема да ја заборави поддршката која ја добил од Германија на самиот почеток, и потоа низ целиот професионален ангажман. 

Како најважна ја истакнува модерната технологија воведена во 80-те години на Клиниката во Скопје во неврологијата која била со германска поддршка, а во тој период била единствената од тој тип во поранешна Југославија.