Професор д-р Дејан Докиќ, медицинар: „ На историскиот момент на повторното обединување ќе се сеќавам целиот мој живот“
Првото искуство на професорот д-р Дејан Докиќ со животот во Германија било импозантно, како што вели. Како стипендист на ДААД се нашол во, тогаш поделениот Берлин во 1989 година, токму во времето на падот на Ѕидот. Во Германија, Докиќ се стекнал со дипломата специјалист за алергологија во 1990 година, а во 1991 година и докторирал со највисоки оценки.
Оттогаш датира и неговата плодна соработка со компанијата „Алергофарма“. Резултат од оваа соработка е производството на вакцина против домашна прашина. За неговиот придонес за овој развој, професор д-р Дејан Докиќ добива и специјално признание од компанијата. Член е на Германското здружение за алергологија и клиничка имунологија и одржува блиски контакти со бројни колеги-лекари од Германија. Објавил и повеќе заеднички трудови со професори од Германија, а редовен гостин е на конгреси и предавања во Германија.