Рајнхард Лојзинг, стручен советник по германски како странски јазик и координатор на програмата за испраќање на наставници во странство: Навистина голем проект!
Рајнхард Лојзинг, роден 1953 г. во Есен, работел долго време како наставник во гимназија во Бремен, пред да почне со својата активност во доцните 90-ти години за Централната служба за школство во странство и Гете-Институт. По службите во Грузија и Норвешка пристигнал во Скопје во 2004 година и останал речиси осум години во земјата. Тука бил активен во воспоставувањето на училишта каде може да се стекнат јазични дипломи кои претходно ги немало во поранешната југословенска Република Македонија. Неговата главна задача се состоела во тоа да ја засили работата на училиштата за во нив да може да се спроведуваат соодветните испити.
„Канцеларијата ми беше во Скопје, но не во Амбасадата, туку во Министерството за образование на земјата. Мојата работа беше да се идентификуваат училишта што се подготвени да понудат германски како прв странски јазик. Навистина голем проект! Ги најдов овие училишта така што им се обратив и разговарав со директорите на училиштата, администрацијата во Министерството за образование и на крајот со одговорните министри. Училиштата мораа да бидат подготвени да прифатат германски наставен кадар. Тоа има голема врска и со довербата.“
Првото училиште каде се воспоставила јазична диплома била гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Потоа следеле уште четири други улилишта. Преку програмата за испраќање на наставници во странство доаѓал наставен кадар од Германија каде што наставниците слободно конкурирале. Договорот за соработка во областа на културата овозможил тие да работат во училиштата на државата-партнер. Одговорноста на Рајнхард Лојзинг била, често пати сè уште младите наставници да ги вклучи во наставата и да им биде ментор. Бидејќи германската јазична диплома е формалниот предуслов за странски студенти да студираат во Германија, дипломата била особено омилена меѓу младите луѓе во денешна Северна Македонија. Првиот испит речиси ќе паднел во вода.
„За да се избегне размена, испитот се спроведува истовремено во сите држави од Балканскиот регион. Нашиот прв испит за јазична диплома во Скопје тогаш се одржа во понеделник. Просторијата ја подготвив во петокот, но потоа морав да констатирам дека во просторијата за испит имало забава за време на викендот. Апсолутен хаос, не можеше ништо да се стори за еден час. За среќа брзо добив дозвола да ги однесам учениците со сите материјали во Салата за конференции во Амбасадата и таму да го спроведам испитот во навистина добри услови.“
Поинаку отколку во Германија, учениците во Северна Македонија долги години имаат заедно настава во едно одделение. За Лојзинг тоа е чиста предност. Исто така, тој нагласува дека германските паралелки биле секогаш многу креативни и продуктивни. Секогаш одново имало изложби, литературни читања и музички настани. Односите со германската Амбасада биле многу добри, службените патишта кратки, така што многу проекти можеле да бидат финансирани. Овој ангажман вредел, тоа може да се види од многуте успешни приказни.
„Особено сум горд кога се зборува за поранешни ученички и ученици. Тоа беше случај во Грузија, од таму е во меѓувреме меѓународно познатата авторка Нино Харатишвили, која се стекна со јазична диплома кај нас. Вакви случаи има и во Северна Македонија, на пример Мирна Ќорвезироска, која уште тогаш се виде дека е надарена. За неколку години научи одлично германски, речиси на ниво на мајчин јазик. Сакаше да замине во Германија за да студира и преку нас доби стипендија од ДААД. Ваквите стипендии се многу омилени, но се поврзани и со многу докажувања и многу голем притисок. И оваа млада жена, денес, откако докторираше во Мајнц, е научен соработник на Универзитетот Бон во областа на германистичката медијавистика. И секако дека вакво нешто многу ме радува, па тоа е генијално!“