Бенјамин Лангер

Бенјамин Лангер, преведувач: „Среќен сум со сите мои преводи“

Бенјамин Лангер, генерација 1976, докторирал на германска филологија и е соработник на Одделот за меѓународна соработка на Слободниот универзитет во Берлин. Во периодот од 2005 г. до 2009 г. бил лектор на Универзитетот во Скопје, прво преку Програмата за Централна и Источна Европа на Фондацијата Роберт Бош, а потоа преку ДААД. Бенјамин Лангер се вбројува во најреномираните преведувачи од македонски на германски јазик и во 2017 година за своите литературни преводи е одликуван од Македонската академија за науки и уметности со наградата „Блаже Конески“. Патот до Скопје го водел по заобиколени патишта:

„За време на моите студии поминав една година во Будимпешта и учев унгарски. Бидејќи имав пријатели во Романија што зборуваат унгарски, најпрво сакав да заминам во унгарско-романската погранична област, за Орадеа. Тогаш ќе можев да имам контакт со двата јазика истовремено. Но, Фондацијата Бош го гледаше моето место повеќе во Југоисточна Европа, во Скопје требаше да се отвори нов лекторат. За Македонија тогаш не знаев многу. Имаше малку литература. Освен тоа, информациите и мислењата се разликуваа во зависност од тоа од каде потекнуваа. Сето тоа беше навистина возбудливо. И потоа преку Романија, каде што бев поканет на свадба, отпатував за Скопје со возило старо 20 години што си го купив за таа цел. Тоа беше моето прво возило коешто се разбира дека постојано се расипуваше.“

Неговите активности во Скопје опфаќале советување за стипендии и избор на стипендисти, менторирање на учество на саеми, промовирање на Германија како студиско место како и предавања на Катедрата за германски јазик и книжевност на Универзитетот во Скопје. Тој бил дел од голем број на студентски проекти, држел курсеви за креативно пишување и водел театарска група. Не помалку важно, за време на престојот во Северна Македонија ја запознал својата сегашна сопруга.

„Станавме пар кога замина за Германија за одново да студира. По двегодишна врска на далечина, решивме да стапиме во брак, нешто што се покажа како навистина тешко. За венчавката во матично во Германија ни беше потребно уверение за слободна брачна состојба, кое македонските служби не сакаа да ни го издадат во посакуваната форма.  Преку недоразбирање се констатираше, сосема кратко пред венчавката, дека всушност воопшто не смее да стапиме во брак. Но, за среќа надлежниот судија најде излез во наша полза. Една година подоцна требаше да има црквена венчавка во Македонија, проследена со голема забава. Најдовме свештеник кој со задоволство се нафати да нè венча. Кратко пред терминот, тоа го презеде друг колега за кого беше проблем тоа што јас не сум од македонско-православна вероисповест. На овој начин постоеше опасност венчавката да падне во вода, но на крајот се изнајде решение. Сето тоа чинеше многу нерви, но дотоколку повеќе го цениме сега нашиот брак.“

Со изучување на македонскиот јазик Бенјамин Лангер започнал веднаш откога станал лектор во Скопје. За време на својата четврта година од престојот во земјата го прашале дали би сакал да држи вежби по преведување на универзитет и на почетокот се колебал, зашто сметал дека македонскиот јазик не му е толку добар. Конечно се обидел и извршувањето на оваа активност му причинувало голема радост. Така почнал и самиот да преведува. Особено се посветил на расказите на Влада Урошевиќ, со првична идеја овие текстови да им ги направи достапни на пријателите. Кога мрежата ТРАДУКИ решила да го покани авторот на Саемот за книга во Лајпциг, одеднаш преводите на Бенјамин Лангер станале барани. Навлегувал сè подлабоко во работата, како што вели тој. Во меѓувреме има преведено седум книги и голем број пократки текстови на германски јазик. Запрашан за најзначајните публикации според него, тој би сакал да именува три: 

„Вусшност, среќен сум со сите мои книги. Сепак, за мене беше особено значајна „Мојата роднина Емилија“ од Влада Урошевиќ. Тој беше првиот автор кој го преведов и им го предложив на издавачките куќи, и се најде еден навистина добар издавач, се појави во издание на „dtv Premium“. За книгата имаше извонредни и многу разновидни дискусии! Елке Шмитер во тоа време објави портрет за авторот во „Шпигел“. За таа цел отпатувавме заедно во Скопје на средба со Урошевиќ.

Би сакал да го споменам „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, објавен во „Guggolz Verlag“. Во книгата има многу зборови што веќе не се користат или се дијалекти и ги нема во ниеден речник. Имав поддршка од синот и внукот на авторот, на кои одново и одново им праќав листи со вокабулар. Кога тие самите не можеа да ми помогнат понатаму, ги прашуваа старите луѓе од родното село на Андреевски. Тоа беше многу возбудливо и ми причинуваше задоволство.

Истата ситуација беше и со третиот наслов, збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, објавена од „Suhrkamp“. Специфичниот тон и беспоштедниот виц на приказните на бесни женски раскажувачки гласови, тоа беа вистински предизвик, но имаше одлична размена со авторката и лекторката. Тоа дека соработката со издавачките куќи беше прекрасна и имаше голем број убави дискусии се однесува, впрочем, за сите наведени книги. До сега имав многу среќа.“