Франк Штесел, раководител на Одделот за култура во германската Амбасада Скопје: дипломатот кој вози велосипед
Франк Штесел, генерација 1966, студирал финансиско и даночно право и работи за германското Министерство за надворешни работи од раните 90-те години. Денес живее и работи во главниот град на Намбија Виндхук. Поранешни професионални станици му биле Мауретанија, Тринидад и Тобаго, Казахстан, Јужна Африка и секако денешна Северна Македонија, каде што работел во германската Амбасада од 2009 до 2013 година – прво како референт во Одделот за култура, по две години како раководител на Одделот за култура. Пред сè, неговото стапување на должност им е во добро сеќавање на многу лица, бидејќи Франк Штесел возел 2500 километри со велосипед од Берлин за Скопје.
„Во 2008 g. веќе имав направено подолга велосипедска тура за Одеса, така што веќе имав пракса. Преку едно такво патување човек добива можност добро да ја запознае земјата, бидејќи се движи многу бавно. Се добива и многу подобро чувство за раздалеченоста. За време на возењето кон Скопје, за кое ми беа потребни 3 ½ недели, најчесто воопшто не знаев каде би преноќил вечерта. Кондициски сè помина во ред. Свесно избрав патеки покрај река, бидејќи таму има помалку нагорници, освен тоа, овие делови се најчесто со богата историја. Особено убава беше Железната порта, пробивот на Дунав, таму има повеќе стотици метри високи стрмни карпи. Пејсажно, тоа сигурно беше најинтересното парче.“
Пристигнувањето во Скопје изминало во одредена мера спектакуларно, бидејќи Амбасадата претходно ги имала информирано телевизијата и други медиуми. Еден телевизиски тим веќе го чекал Франк Штесел кога пристигнал со велосипед во Амбасадата. Бил директно интервјуиран на лице место и уште истата вечер бил на вестите. Навистина убав прием, како што вели тој. Пред сè, известувањето и медиумскиот интерес му отвориле многу врати. Многу луѓе во Скопје, меѓу нив и колешки и колеги од другите амбасади, веќе имаале слушнато за него и веднаш знаеле дека тој е дипломатот кој вози велосипед. Неговото време во Скопје го опишува како едно од најубавите во својата кариера, бидејќи таму можел да реализира толку многу интересни проекти.
„Само што пристигнав, ги имаше таканаречените „Германски недели“. Преку една колешка добив можност во рамките на овој настан да готвам за една телевизија. Една година подоцна повторно се навративме на тоа и издадовме германско-македонски готвач. Во Амбасадата имаме широк поим за културата, тука припаѓа и кулинарството, но исто и поддршката на спортот. Имаше пренос на многубројни спортски настани, европското и светското првенство во фудбал како и многубројни ракометарни натпревари, тие беа секогаш одлично посетени. На крајот на мојот престој во Македонија организирав дури и меѓународен натпревар по велосипедизам околу Охридското Езеро. Можевме да допреме до многу луѓе преку германскиот филмски фестивал, што го преземавме од Гете-Институт и го надградивме. На проекцијата на филмот „Албанецот“ од Јоханес Набер имаше речиси 600 луѓе во киното.“
Штесел особено со задоволство се сеќава на соработката со македонските партнери. Бидејќи на лице место не се работи со многу однапред договорено време, некои проекти можеле брзо и спонтано да се реализираат. Амбасадата се вклучила во голем број културни настани и ги поддржала, во соработка и со збратимените градови Нирнберг и Дрезден.
Од помош биле и германските збратимени градови со Скопје за божиќниот базар на Амбасадата што се одржувал секоја година. Од Дрезден пристигнувал божиќен козинак, од Нирнберг греано вино и пиво. Преку фирмата за автобуси што го опремувала божиќниот базар со типични германски производи, Штесел се спријателил со германско-македонски брачен пар, кој тој со посебни чувства го нарекува „замена за баба и дедо.“ Тие сè уште редовно ги посетуваат него и жена му, па така врската со земјата постои и денес и тој и неговото семејство и понатаму може да уживаат во македонската кујна.