Кица Колбе

Кица Колбе, филозофина и писателка: „Јас имам функција на мост“

Кица Колбе, генерација 1951, студирала филозофија, историја на уметност и книжевност во Скопје и во Белград. По докторатот, предавала повеќе години „Естетика“ на Универзитетот во Скопје, за потоа средината на осумдесеттите години да емигрира во Германија. Оттогаш таа создала многубројни есеи и монографии, а воедно и раскази и романи на темите што се од централно значење за Кица Колбе: воени трауми и егзил.

Филозофината и писателка е член на македонско-грчката Комисија за учебници, основана во 2018 година, а е и авторка на неделна колумна за „Дојче Веле“. Во моментов работи на нејзиниот шест роман со работен наслов „Археологија на војната“. Иако таа ги срочува своите научни, книжевни и новинарски трудови на македонски јазик, германскиот јазик и литература имаат значајно влијание врз начинот како размислува и како пишува.

„Германскиот јазик го научив, пред сѐ, читајќи германска филозофија и литература. Тоа беше моето школо. А што се однесува до моите сопствени текстови, секогаш ми кажувале дека јазикот ми е многу јасен и концизен. Мислам дека тоа е влијанието од германскиот јазик, бидејќи тој има многу логична структура. Германскиот ми помогна да го откријам мојот македонски мајчин јазик како јазик на мојата проза и да си го најдам сопствениот израз. Па така, на пример, употребував конструкции како „враќање дома“ или поими како „филозофина“ (наместо „жена-филозоф“) долго пред тие да станат вообичени во македонскиот јазик. Иницијалната каписла за некој текст, дали е тоа некаква идеја или реченица, најчесто ми доаѓа на германски. Истото е и со првите скици и нацрти. Но со текот на работата сепак го менувам јазикот. Прецизната форма, музикалноста и ритамот од германскиот, сето тоа ме понесува и во македонскиот.“

Германската филозофија и култура на сеќавање се покажала како доста продуктивна и од помош и кај нејзините централни прашања како траумата од војна и егзил. Особено германската клима за помирување на народите уште од поодамна ја поттикнало да се запраша, каков сѐ багаж од сопствената биографија носи со себе. Кица Колбе е родена две години по грчката граѓанска војна, во сместување за бегалци во близината на Скопје, во кое биле сместени семејствата на нејзините родители, откако пребегале од северот на Грција преку границата кон Југославија.

„Во социјалистичките држави историскиот наратив беше многу херојски. Тешките или политички контроверзни теми беа едноставно табуизирани, а за бегалските приказни едноставно не се зборуваше. Преку Франкфуртската школа, Бенјамин и Адорно, но и преку теориите на културното сеќавање на Алеида и Јан Асман, најдов парадигма за да го ставам во контекст тоа што тогаш не би било можно во Југославија. Во мојата книга „Егејците“, што е хибриден, есеистичен текст, којшто веќе важи за стандардно дело – разработувам што значи да се биде бегалец. Станува збор, пред сѐ, за сликите на другите и пренесувањето на траумата. Со овие теми се занимавам и во моите раскази и романи. Таму честопати станува збор за лица кои живеат меѓу две култури, за барање на идентитетот и припадноста. Тоа се луѓе како мене, кои имаат функција да бидат мост меѓу две држави.“