Љупчо Поповски

Љупчо Поповски, новинар: Незаборавната ноќ на германското обединување

Јас лично имам можеби многу повпечатливи моменти од времето пред да падне Берлинскиот ѕид во 1989 отколку во 30-те години на односите меѓу обединета Германија и независна Македонија. Можеби затоа што тоа беа впечатоци од едно навистина неверојатно време и она што најдлабоко останало во сеќавањето е повеќекратниот престој во Берлин (во двата негови дела).

Не само поради злокобниот ѕид или начинот на преминувањето од Исток на Запад преку граничната точка во подземната метро станица кај „Фридрихштрасе“, туку и поради двата различни света што ги живееја берлинците. Во Берлин бев неколку месеци пред во ноември да падне Ѕидот, но барем од она што можев да го забележам ништо не навестуваше дека може да се случи една таква епохална промена. Иако во Прага веќе нагрнуваа источногермански граѓани барајќи коридор кон Западна Германија, во Берлин изгледаше сѐ мирно. Изгледа дека тоа бил мој лажен впечаток.

Следната година во октомври 1990 известував за „Нова Македонија“ за обединувањето на Германија и во една несекојдневна ситуација, споредено со денешните безбедносни мерки, можев слободно да стојам при врвот на скалите пред Рајхстагот и да ја гледам милионската маса пред мене во таа незаборавна ноќ.

Едно од специфичните сеќавања во овие 30 години е и посетата на музејот посветен на работата на злобната тајна полиција Штази, каде се вршеле испитувањата на непослушните граѓани, бирократските канцеларии на иследителите, креветите во ќелиите кои беа од дрво, без душеци. Како и неверојатно малите ќелии (своевидни самици) каде што луѓето можеле да бидат во нив само ако стојат исправено додека не  се „скршат“ и да ги признаат своите „недела“ против државата и партијата. Тоа, колку што се сеќавам, било практика во првите 7-8 години по Втората светска војна, потоа се напуштила.

Лотар де Мезиер беше последниот премиер на ДДР, во чие време источногерманската држава се спои или претопи во западната. Имав разговор со него во 2009, во неговата адвокатска канцеларија некаде во малку запуштено продолжение на „Фридрихштрасе“ во источниот дел на Берлин. Тој ги застапуваше барањата на источните Германци во процесот на реституцијата што се одвиваше во 2000-те години. На моето прашање зошто канцеларијата му е во малку неугледен кварт, тој ми одговори дека со какво морално право би ги застапувал неговите сограѓани, со кои во блиското минато живеел заедно во државата која ги контролираше нивните животи со децении преку тајната полиција. Доколку би имал канцеларија во светликавиот западен дел од Берлин тоа би било еден вид „предавство“.

Но како што и ние во Југославија, а преку тоа и во Македонија, живеевме живот со радости, таги, обичаи, веселби, така и во таа ДДР луѓето си го живееја својот живот без оглед на милионите очи на тајната полиција. Затоа, посетата на Музејот на ДДР во Берлин е извонредна можност за секого да ѕирне во комунистичкото секојдневие, преку реконструирани дневни соби, кујни, автомобили, партиската и државаната иконографија. Мачен или весел – животот бил тој.