Томас Дикхаус

Томас Дикхаус, поранешен раководител на Канцеларијата за врски на Гете-Институт во Скопје: градење на мрежинезависно од политичката ситуација

Томас Дикхаус студирал германистика, историја и публицистика, потоа се стекнал со приправнички стаж како професор во гимназија и од 1990 година работел за Гете-Институт. По краток престој во Москва заминал за Белград во 1999 година каде што пет години бил надлежен не само за Србија и Црна Гора туку и за јазичните активности во Поранешната Југословенска Република Македонија. По три години во Летонија, Рига, во 2007 г. го преземал раководењето на ново отворената Канцеларија за врски во Скопје каде што останал 8 години и го подготвувал отворањето на Институтот кој постои од 2015 година. Потоа поминал една година во Софија и на крајот се вратил во Германија. Томас Дикхаус е пензионер од 2021 година.

„Многу рано ја имав желбата да заминам за Југоисточна Европа. Во 70-те и 80-те години често патував за Југославија и веќе имав пријатели во регионот. Во средината на 80-те години учев и српско-хрватски во рамките на дополнителни студии, таканаречена педагогика за странци. Така што беше очигледно дека ќе се ориентирам во тој правец. Моето време во Белград во суштина беше највпечатливото во мојот професионален живот. Тие години беа поврзани со војна и евакуација и со прекин на дипломатските односи. Голем предизвик. Од друга страна, на овој начин се зближив повеќе со земјата и луѓето.“

Како раководител на Одделот за јазици во Белград, Томас Дикхаус бил редовно во Црна Гора и Поранешната Југословенска Република Македонија, бидејќи во овие земји немало никакви структури на Гете-Институт. На координативните состаноци организирани од амбасадите на лице место, станувало збор, пред сè, за соработка со министерствата и дообуката на наставниот кадар. Подоцна германското Министерство за надворешни работи одлучило да го засили присуството на Гете-Институт на Балканот и за таа цел го избрало Скопје како локација. За Томас Дикхаус било многу привлечно да оди таму, да почне од нула и да изгради нешто, како што вели тој.

„На почетокот немав ниту персонал и практично самиот се борев за сè. Се разбира дека постепено ангажирав кадар, прво преку проекти на база на хонорар. На крајот бевме силно јадро од три лица, тука беа и вработените надлежни за проекти. Иако бевме мал тим, постигнавме многу во овој период. Навраќајќи се наназад, одвај можам да поверувам во тоа. Од тие причини можевме да финансираме и овозможиме многу нешта, затоа што имавме многу ниски трошоци за структурата. Нашите проекти не ги ограничивме само на Македонија. На пример, основавме џез оркестар заедно со музичари од осум земји, кој беше на турнеја низ целиот регион и Германија. Соработувавме со други земји и во полето на проектите за понатамошно усовршување на професорки и професори по германски јазик. Оттука произлезе интензивна соработка со Бугарија, Албанија или Грција. Настанаа лични пријателства што го надминаа професионалното. Целта на нашата работа отсекогаш била да ги создадеме овие контакти и врски и да изградиме мрежи независно од политичката ситуација.“

Одлуката за Гете-Институт во Скопје се донела кога Томас Дикхаус во основа веќе бил на заминување. Тој бил многу подолго тука отколку што е вообичаено за вработен во Гете, но сепак се потрудил да најде соодветна локација за Институтот и да ангажира наставен кадар и стручни лица, зашто добро ги познавал луѓето во регионот. Бидејќи Канцеларијата за врски немала сопствена понуда на јазични курсеви, на почетокот постоела соработка со партнери што ги спроведувале испитите. Кога новиот Институт се отворил на крајот на 2015 година, Томас Дикхаус веќе не бил во Скопје. Сепак тој, преку своето семејство во Северна Македонија, одржува блиски врски со земјата: за време на својот мандат во Гете-Институт ја запознал својата сегашна сопруга.