Роланд Шмигер

Роланд Шмигер, толкувач и преведувач: „Претседателот не сметаше на тоа дека ќе добие одговор на македонски.“

Роланд Шмигер, роден 1965 година во Берлин, студирал славистика во Минхен, Виена и Скопје, а докторската дисертација ја одбранил на тема за македонската дијалектологија. Во 1992 година, започнал да работи како толкувач и преведувач за бугарски и македонски јазик во Јазичната служба при Министерство за надворешни работи на Германија, а вкупно 13 години работел како дел од германската амбасада во Софија. Во 2015 година, тој и неговата сопруга Нина Димитрова – Шмигер го објавиле четиритомниот сеопфатен Голем речник германско-македонски, најголем од тој вид. Сѐ до 2017 г., Роланд Шмигер активно толкувал и преведувал, а потоа станал раководител на Службата за толкувачи при германското Министерство за надворешни работи во Берлин. Од  пред нешто повеќе од две години, тој раководи со целокупната Јазична служба на овој орган. Неговиот интерес за словенските разици се родил уште многу одамна.

„Во моето детство во седумдесеттите години  на минатиот век за прв пат бев на одмор во Југославија, на тогашното хрватско крајбрежје. Јазикот ме обзеде и таа фасцинација оттогаш никогаш не ме напушти. Многу подоцна, во последните години од гимназија, постоеше можност да се учи руски, а јас прифатив со огромен ентузијазам. Во овој период, кај мене се роди желбата да студирам славистика. Во исто време учев и грчки, а посетував и летен универзитет во Солун. Веднаш потоа ги посетив Преспанските Езера и увидов дека таму има цели села во кои речиси и да не се зборува грчки како мајчин јазик, туку македонски. Во мојата група на летниот универзитет, имаше и некој од Скопје, којшто го замолив да ми испрати учебник и речник во Германија. На овој начин започнав за прв пат самостојно да го изучувам македонскиот јазик.“

Роланд Шмигер ги продлабочил своите јазични познавања за време на студиите по славистика и за време на годината помината во Скопје како студент на размена. Од 1992 година, паралелно со докторатот, работел и како толкувач во Јазичната служба при германското Министерство за надворешни работи.  Првично бил вработен за бугарски. Но, бидејќи го владеел и македонскиот, а државата штотуку беше прогласила независност тогаш, нему му припаднала огромната чест, да ги толкува првите официјални политички разговори од висок ранг помеѓу Германија и поранешната југословенска Република Македонија: телефонски разговор помеѓу германскиот канцелар Хелмут Кол и македонскиот претседател Киро Глигоров. Претседателот бил целосно вчудовиден, кога не добил одговор на српско-хрватски, туку на македонски.

„Во 1999 година го придружував Глигоров и на неговата државна посета во Германија. Најпрвин бевме во Берлин каде се одвиваа фактичките политички разговори, а потоа заминавме во Дизелдорф, каде требаше да се сретнеме со веќе избраниот претседател на Германија, Јоханес Рау. Глигоров беше сместен во Бон, во хотел на Петерсберг. Сите му посочуваа дека задолжително мора да излезе на терасата за да ужива во извонредниот поглед кон реката Рајна и нејзината околина. При излегувањето промаши едно скалило, се сопна и падна толку незгодно, што се здоби со отворена скршеница  на два прста. Тој ден бев цело време ангажиран и не бев јадел ништо, но сега морав да го придружувам претседателот во болница, за да ги толкувам разговорите со докторите. Коските што штрчеа се враќаа на место,  тетивите се исправаа со пинцета. Толку се сеќавам. И откако конечно заврши третманот врз претседателот и тој беше згрижен, јас се разбудив од придружната просторија откако сум се онесвестил.“

За време на неговата дејност како толкувач и преведувач, Роланд Шмигер морал многу да истражува и да се задлабочува во најразлични теми. По некое време, заедно со неговата сопруга одлучиле ова знаење да го преточат во германско-македонски речник. Овој „спореден производ“ од неговата секојдневна работа излезе далеку поголем проект од првичната замисла.

„Работевме вкупно 20 години на него и конечно се роди дело од четири тома. Претходно имаше мал речник од времето на Југославија, а за време на нашата работа излезе и нешто поопсежното дело од Петер Рау и Ранка Грчева. Започнавме со проектот во 1995 година, а томовите излегоа од печат во 2015 година. Ете така си го поминувавме слободното време!“